Продолжува гранатирањето на Херсон

Руските напади покрај реката Днепар продолжуваат, а спасувачките тимови во Украина ги продолжуваат напорите за спасување илјадници луѓе заробени од катастрофалните поплави предизвикани од уривањето на браната во јужна Украина.

Покрај бомбардирањето кое го вршат руските сили, опасност за регионот претставуваат и пловечките мини. Гувернерот на јужната област Херсон, Олександр Прокудин, изјави дека нивото на водата е речиси шест метри повисоко од нормалното.

„Просечниот водостој е 5,61 метар. Околу 600 квадратни километри се под вода, од кои 32 отсто се на десниот брег под контрола на Украина и 68 отсто на левиот брег под контрола на Русија.“ - изјави Олександр прокулин гувернер на Херсон.

Властите во окупираниот дел на Херсон соопштија дека се поплавени 14.000 домови, а речиси 4.300 жители се евакуирани.

„Водата ги поплави влезовите и становите на првиот кат.“ - изјави Свитлана Абрамович локална жителка.

„Се навикнавме на гранатирањето. Но, катасрофа како оваа е ноќна мора.“ - изјави Наталија Корз локална жителка.

Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за уништувањето на браната изградена во 1956 година. Покрај загадувањето на Днепар со нафта и други супстанци од хидроцентралата, се стравува дека поплавите имаат разместено и огромен број мини. Десетици илјади луѓе се останати без вода за пиење, посевите се уништени и се наѕира долгорочен недостиг на електрична енергија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, свика итен состанок со Украина во врска со „срамното уништување“ на браната Каховка.