Продолжија протестите на судската и обвинителската администрација, утре и од кај Народниот правобранител

Судска администрација и денес на протести, револтирани од односот на креаторите на буџетот велат дека ќе продолжат со протести бидејќи нема пари за нив. Бараат плати повисоки за 78 проценти исто како и функционерите, и враќање на додатокот на плати. За во петок пред законодавниот дом повикаа на масовен протест.

Вработените во Фондот за здравствено осигурување се заканија дека доколку не им се покачат платите за 15% ќе влезат во штрајк. Од ФЗОМ велат дека:

„Наназад три месеци сме во преговори и разговори со претставници на Синдикатот, неколку пати во Министерство за финансии побаравме пренамена на средства од нашиот буџет за да можеме да ги зголемиме платите, а со тоа да бидеме изедначени со сродни институции како што се ПИОМ, АВРМ, Меѓуопштински центар за социјални работи, како и администрацијата од јавно здравство, но од таму бевме одбиени. Дополнително, истиот одговор е и за буџетот за наредната година.“ - велат од ФЗОМ

Најавеното покачување на минималната плата од март следната година нема веднаш да ги зголеми останатите плати. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, денес објасни дека усогласување на останатите плати со минималната плата ќе има, но од март 2025 година.

Синдикатите најавија голем протест следниот петок пред Собранието, кога буџетот ќе дојде на дневен ред пред пратениците. На тој протест ќе излезат вработените и од судовите и од државното обвинителство, правобранителство, а покана упатија и до сите остнати синдикати.