Продолжи амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот на буџетот

За власта инструмент за стабилни јавни финансии, повисоки плати и пензии и продолжување на капиталните инвестиции. За опозицијата, признание дека првичниот буџет бил нереално проектиран и оти државата оди кон поголем дефицит и нови задолжувања. Во матичната собраниска комисија продолжи расправата за ребалас на буџетот. Митко Трајчулески од СДСМ оцени дека ребалансот ја потврдува, како што рече, погрешната фискална политика на Владата и дека зголемениот дефицит ќе го платат граѓаните преку нови задолжувања.

Мартин Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ возврати дека, и покрај глобалната економска неизвесност, македонската економија бележи раст, повисоки плати, инвестиции и извоз, поради што ребалансот, според него, ќе обезбеди натамошен развој и макроекономска стабилност.

За Јована Тренчевска од СДСМ ребалансот покажува оти Владата за само неколку месеци се откажува од сопствените проекции и наместо фискална консолидација нуди поголем долг и нови ризици.

Прогнозите на СДСМ за колапс на јавните финансии не се остварија, врати Љупчо Пренџов од владеачкото мнозинство. 

Претходно, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска рече дека во првите шест месеци од годинава во Буџетот се собрани речиси 170 милијарди денари, што е за околу шест проценти повеќе од истиот период лани. Со ребалансот, власта планира да потроши 744 милиони евра повеќе отколку што ќе собере, кои најмногу ќе бидат насочени за капитални инвестиции. Во меѓувреме, од Finance Think оценуваат дека ребалансот покажува оти првичниот Буџет бил заснован врз преоптимистички проекции на приходите и предупредуваат дека повисоките расходи носат фискални ризици. Според институтот, новото задолжување ќе биде оправдано само доколку планираните капитални инвестиции се реализираат. За ребалансот се поднесени вкупно 224 амандмани.