Продавниците низ Хрватска останаа празни, граѓаните масовно ги бојкотираа трговците
Во Хрватска бојкот против високите цени на храната. На повикот се одзваа граѓаните ширум Хрватска, а продавниците и бензинските пумпи се речиси празни од утринските часови.
Додека синдикатите, здруженијата на потрошувачи, па дури и некои политичари, и од власта и од опозицијата, ги повикуваат граѓаните да не купуваат ништо, трговците и претприемачите негодуваат и најавија големи попусти. Од здружението „Гласот на претприемачите“ велат дека државата борбата против инфлацијата им ја препушти на граѓаните и на економистите.
„Очекуваме дека потрошувачите ќе си го одржат зборот затоа што сакаат да го изразат своето незадоволство, што се случи затоа што цените во Хрватска се неверојатно зголемени и ниту една друга земја членка на ЕУ не забележала вакво поскапување во последните две години, а исто така знаеме дека ние сме на врвот на ЕУ кога е инфлацијата во прашање.“ - Јосип Келемен платформа „Ало инспекторе“.
Граѓаните на Хрватска реагираат на високите цени на храната и бараат мерки.
„Пензионер сум. Вака не може повеќе да се живее“.
„Храната поскапе најмногу. Друго и не купувам.Како да не бојкотирам, треба сите да бојкотираат“.
Даночната агенција објави дека до пладне биле издадени 40% помалку сметки, а прометот бил помал за 47%.
„Бојкот делува, сигурно за 50 отсто е намален прометот“.
„Денеска не одам во продавница. Не знам како ќе помогне бојкотот, но испраќа силна порака. Бојкотот е порака дека нешто треба да се промени“.
Од хрватската занаетчиска комора велат дека мора да се прифати бојкотот на граѓаните бидејќи „мора да се биде свесен дека луѓето тешко живеат“. Сметаат дека бојкотот нема да го реши проблемот, но добро е да се сврти вниманието на проблемот. Во Хрватска, цените се зголемија за 4,5 отсто во декември минатата година во споредба со истиот месец во 2023 година.
Хрватска е меѓу трите земји на ЕУ со највисока инфлација, зад Романија и Унгарија. Годишната стапка на инфлација во ЕУ во декември минатата година изнесуваше 2,7 отсто, а во еврозоната 2,4 отсто, покажуваат најновите податоци на Евростат.