Прочистување во судството
За три месеци од најавените реформи во правосудството, покренати се постапки за утврдување одговорност само кај двајца судии. Првиот човек на Судски совет за ТВ 24 потврди дека анализата на случаи од сите судови во земјава се уште е во тек и можно е разрешувања на повеќе судии.
Откриле дека двајца судии свесно чувале предмети во фиока. Меѓу предметите за кои се заинтересирале во Судскиот совет е и за убиството на матурантот Ангел Пековски пред 6 години.
„Овој предмет за убиството беше посочен како незавршен, но во меѓувреме е донесена одлука за укинување на пресудата и ние се заинтересиравме зошто толку долго не е одлучувано. Тука морам да напоменам дека бил претходно кај двајца судии кои се веќе разрешени, кај Рахилка Стојковкса и Ристо Катавеновски, а потоа е земен кај судијката Цветанка Периќ и одлучено. Но, бараме попрецизни податоци од врховниот суд за да видиме дали има место за преземање на мерки.“ - Киро Здравев.
Реформите во судството беа дел од кампањата на СДСМ, а ветувањата на министерот Бојан Маричиќ во првите сто дена од формирањето на Владата се ќе биде утврден моделот со кој ќе се обезбеди прочистување и деполитизација на судството и обвинителството. Реформите одат побавно од очекуваното. Министерството за правда вели сеуште се анализира како ќе се прочистува правосудството.
„Во моментот се работи на деталите на моделот за филтрирање на правосудството. Со новата законска рамка може да се рече дека процесот е започнат. За приодот 2019-2020 година веќе се разрешени осум судии, а според информациите од Судскиот совет во тек се постапки за 83 судии.“ - Министерство за правда.
Најголемата анализа ја прави Судскиот совет и според досегашните забелешки , најмногу се застарувале извршните кривични санкции и прекршоци , а кај граѓанските предмети се трупале имотни спорови и оставински постапки.
Клучна улога во проветрувањето од редовите на правосудството имаат и Антикорупциската комисија и Советот за јавни обвинители. Од таму се чекаат резултатите, ДКСК треба да ги пронајде судиите со сомнителен имот, а обвинителите да ги посочат оние кои чувале истраги во фиока.