Проблемот со инсулин сѐ уште е активен, пациенти се жалат на недостиг или на несоодветна терапија
Штеди на инсулин за да не остане без него. Пациентка со дијабетес од Струга алрамира дека веќе трет месец по ред само слуша дека треба да стигне инсулинот, но во аптеките се уште го нема.
И по изјавите на министерот за здравство дека набавката е завршена, пациентката вели дека и натаму е во исчекување на инсулинот кој таа го прима.
„Ова е трет месец веќе како нема, минатиот месец рекоа дека овој месец ќе има, одиме да земам инсулин, инсулин повторно нема. Сестрата ми кажува намалувај единици и минатиот месец и овој, значи јас ако не ја примам дозата џабе е. Наводно велат дистрибутерот сега во Струга ќе донесе, па едно пенкало да земам на заем, но како може јас да позајмам и кој ќе ми даде да бидеме искрени затоа што ти даваат онолку пенкала колку што ти е потребно во месецот.“ - пациентка со дијабетес.
Од министерството за здравство велат дека набавката на инсулин е завршена и дека се дистрибуира до аптеките, но за некои типови на иснулин во тек било ребрендирање од страна на самиот производител поради што тие инсулини ќе бидат достапни од 15-ти месецов.
„Jавната набавка за обезбедување инсулин е завршена и во тек е дистрибуција на сите побарани инсулини во инсулинските аптеки во земјава.“ - министерство за здравство.
Ова не е прв пат да се јави недостиг од инсулин во државава. Целата административна процедура околу набавката често пати остава период во кој снемува инсулин што им го отежнува секојдневието на лицата на кои редовната употреба им е неопходна за здравјето. За пациентите со дијабетес ова не е само административен проблем туку прашање на живот и здравје.
Министерот за здравство минатата недела изјави дека инсулин ќе се набавува одеднаш за две години за да не се оставаат пациентите без потребниот лек.