Проблеми со гасификацијата: Гасоводите се готови, се чека технички прием

Можна ли е брза реализација на гасификацијата во државата? Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денес од Штип истакна дека ресорното министерство ја чека комплетната документација за гасоводите кои се готови за истите да можат да бидат ставени во употреба на дел од гасоводот.

Бочварски тврди дека до денеска не е пристигнато барање за пуштање на некоја од гасоводните делници од Штип до Битола и од Скопје до Гостивар.

Бочварски посочи дека се реализирани капитални проекти во делот на гасификацијата и тоа магистрални гасоводи во должина од 210 километри, а во тек е и изборот на фирмата која ќе го гради гасниот интерконектор со Грција. Меѓутоа, во последниот и најнов ревизорски извештај стои дека бавната гасификација е ризик за нерационално трошење на јавните средства, како и дека се утврдени слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба.

„Причини за ваквата состојба се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти, но и бавното решавање на предметите за експропријација за коишто во периодот од 2018 до 2022 година биле исплатени приближно 2 милиони евра.“ - се вели во Државниот зравој за ревизја.

Дека имало задоцнета експропријација и проблеми со решавање на имотно-правните постапки потврдува и првиот човек на Националните енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, кој за ТВ 24 пак посочува дека масовното користење на природниот гас кај домаќинствата ќе биде во зависност од развојот на дистрибутивната мрежа во општините, а истиот се планира да биде со јавно приватно партнерство.

Инаку, и после 13 години државата и натаму е без гасификација, за која пак се потрошени стотици милиони евра досега.