Проблем со кражба на дрва во Штип
Да се зголеми бројот на комуналните редари, а општински тимови да одат во почеста контрола на критичните точки. Советот за превенција на Штип, расправаше за безбедноста, кражбите на дрва, струја и вода. Акцент беше ставен на месноста Мирјанина црква, каде случајно пред неколку дена градоначалникот Иван Јорданов, заедно со медиумите налета на дрвокрадци.
Проблемот со овој дел од Штип не е нов. Шумата се сече со години. Институциите тврдат - работат и се координираат. Проблем велат од шумската полиција е што тие немаат доволно ни луѓе ни средства. За три општини одговорни се деветмина шумски полицајци, а имаат само едно возило што не смеаат да го користат оти не е регистрирано, па помош добиваат од Полициската станица - Штип.
„На потегот меѓу Мирјанина црква и Шашаварлија запленети се стотици запрежни коли, стари автомобили, пили и огревни дрва. Нема веќе место каде да ги чуваме бидејќи ни Агенцијата за управување со одземен имот не знае што да прави со нив. Поднесени се стотици пријави, многу често и против непознат сторител, бидејќи бегаат. Но имаме и сторители што имаат и по 50 прекршочни пријави“ - велат од Шумската полиција - Штип.
Испливаа и други проблеми. Реонот масовно се населува со луѓе од други општини, се градат дивоградби, а лицата кои живеаат во нив честопати имаат и повеќе лични карти со различно име и презиме.
Не се работи секогаш за социјални случаи, бидејќи дел од куќите ги градат поимотни граѓани, а потоа ги даваат под кирија. Вработените од комуналните претпријатија одбиваат да одат на терен затоа што честопати се напаѓани.
Од штипскиот Совет за превенција најавија дека за проблемот ќе разговарат и со други општини што се соочуваат со слични предизвици, за да се изгради ефикасна стратегија.