Приведен е Александар Лазаров, кој избега од полициската станица во Кочани

Четири дена по бегството на осомничениот наркодилер, Александар Лазаров – Цуната преку прозорецот на полициската станица во Кочани, тој синоќа е уапсен во Скопје.

ТВ 24 доби официјална потврда на информацијата од Министерството за внатрешни работи, од каде велат дека Лазаров е спроведен во Полициска станица Кисела Вода за понатамошна постапка. 

Но, и покрај тоа што бегалецот е зад решетки, дали во полицијата е отворена внатрешна истрага за да се лоцира одговорноста за срамниот пропуст во Кочани, од МВР засега не одговараат. Од Обвинителството пак велат дека истражната постапка опфаќа уште едно лице, кое било со него и при претрес во автомобилот со кој се превезувале биле пронајдени осум грама наркотична дрога-кокаин. 

ТЕЛОП – ЈО РСМ

Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист.

А случајот е тема и на партиски препукувања. Од СДСМ бараат целосно расчистување на случајот, утврдување одговорност на сите инволвирани и оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. 

Од ВМРО-ДПМНЕ пак преку соопштение ја поздравија акцијата на полицијата и приведувањето на Цуна, но бараат извинување од СДСМ и ги прашуваат дали со своите смутови сакале да му помогнат на бегалецот?

ВМРО-ДПМНЕ

- Ја поздравуваме брзата акција на македонската полиција и приведувањето на бегалецот од правдата, Александар Лазаров – Цуна. Со приведувањето на Цуна, паднаа во вода обвинувањата на СДС дека Панче Тошковски сакал да го пушти на слобода. Впрочем, за ваквото свесно лажење и манипулирање на пошироката јавноста, од опозициската СДС треба да се извинат.

Инаку, Лазаров беше приведен минатата недела заедно со уште едно лице на влезот во виничкото село Истибања, откако при претрес на возилото во кое се наоѓале, полициските службеници пронашле и одзеле бела прашкаста материја. Ден подоцна, пак додека се наоѓал во Полициската станица во Кочани, успеал да избега низ прозорец, по што по него беше распишана и меѓународна потерница.