Приватните болници подготвени за прием на пациент, државата доцни со дозволите за работа
Foto

Приватните болници подготвени за прием на пациент, државата доцни со дозволите за работа

Новиот КОВИД Центар на приватните болници се уште не почнал со работа со пациенти иако беше најавено дека ќе почне неделава. Министерството за здравство не знае детали дали се подготвува просторот, ниту пак знае со какво темпо ќе оди адаптацијата на хотелот Ибис, кој што го отстапи Систина за оваа намена, откако државата прогласи кризна состојба пред десетина дена. 

„Министерството за здравство само ќе ги користи ресурсите од приватните болници, согласно законската рамка по прогласување на кризна состојба, кога приватните болници се согласија во целост да ја опремат стара Систина со потребната медицинска и немедицинска опрема, како и лекарски тимови и медицински персонал кои ќе работат со ковид пациенти. За детали околу подготовката и темпото на адаптација обратете се во приватните здравствени установи.“  велат од Министерство за здравство.

Од Аџибадем Систина за ТВ 24 пак велат дека објектот е веќе  опремен, но за да се отвори треба Министерството за здравство да им даде дозвола на трите болници за да го користат како КОВИД центар. Дополнително велат дека министерството се уште не обезбедило ниту дозвола за станица за довод на кислород, кој е неопходен за третманот на ковид-пациентите. Откако министерството ќе ги исполни договорените заемни обврски, болницата е подготвена за неполни 24 часа да прими пациенти во објектот, велат од Систина. 

„Се очекува Министерството за здравство да издаде дозвола на трите приватни болници да можат да го користат објектот како ковид-центар. Според договореното на средбите, Министерството ќе координира која од приватните болници како и со колку ќе учествува во трошокот на овој капацитет (кој е десеткратно поголем од ветениот надомест од Фондот за здравство). Го очекуваме договорениот предлог на Министерството кои се двајцата доктори кои медицински ќе управуваат со овој ковид-центар. Финално се очекува Фондот за здравствено осигурување да го понуди Договорот за соработка.“ - велат од Аџибадем Систина.

Од министерството за здравство пак одговараат дека издавањето дозволи и одобренија е во надлежност на Министерството за транспорт и врски и МВР, а договор со приватните болници велат потпишува Центарот за управување со кризи. 

И додека инситуциите си ја префлраат топката, во меѓувреме во јавното здравство остануваат само 175 слободни кревети, според последните податоци на здравстените власти. Освен во Скопје, критично е во болниците во Куманово, Прилеп и Битола каде што има околу стотина хоспитализирани. 

Од министерството денеска соопштуваат дека има благ пад на бројот на хоспитализрани на дневно ниво. Очекуваат во наредиот период да има повеќе испишани отколку примени пациенти. Но, овие прогнози може и да не се остварат, а здравствените власти тврдат дека биле подготвени и за такво сценарио.

0 Коментари

Остави коментари