Приватни превозници - утре блокада на „Илинденска“

Војната на релација приватни превозници-ЈСП-Град Скопје продолжи и денеска. Кулминираше со раскинување на договорот од страна на Град Скопје со „Слобода превоз“.

Од Град Скопје велат, договорот со „Слобода превоз“ е раскинат затоа што се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавна услуга за патници. За приватните превозници ова е очекувана реакција-истакнуваат тие.

Град Скопје

„Договорот со здружението на приватни превозници „Слобода превоз“ денес е раскинат поради неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот. „Слобода превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат.“

Приватните превозници не отстапуваат-најавената блокада останува непромената, велат следи и радикализација.

Утре со почеток во 6 часот наутро, со двесте автобуси, ќе се блокира деснaта лента од улицата Илинденска кај Влада до крстосницата кај салата „Борис Трајковски“. Возачите ќе протестираат пред градското собрание. Ставот на координативното тело на приватните превозници е дека сите двесте автобуси ќе бидат како потсетник за тоа дека не се во мал број. Цела седмица не сообраќаат автобусите од приватните превозници заради неисплатениот долг од над 61 милион денари.  Доколку нема промени, ситуацијата ќе ескалира и блокадата ќе се прошири низ главните крстосници во градот, кај „Мавровка“, „Црвен крст“ и улицата Илинденска-најави претставникот Јовановски. На денешната прес конференција, тој во името на приватните превозници ги отфрли и обвинувањата кои биле упатени кон нив.

Граѓаните апелираат дека ситуацијата е алармантна-не секој има средства за користење такси превоз секој ден.

 

Од Град Скопје ги повикуваат сите приватни превозници да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела. Нагласуваат дека со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе допринесе за поголема транспарентност. Со апел до „Слобода превоз“ да ја ревидираат одлуката за блокирање на градот, но претставниците од приватниот превоз не отстапуваат-велат има радикализација.