Притвор и мерки на претпазливост за три лица во продолжената акција „Адитив“
Кривичниот суд го прифати предлогот за определување мерка притвор и мерки за претпазливост на тројца осомничени во проширената истрага за случајот „Адитив“.
Мерки за претпазливост за актуелната претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска, односно со оваа мерка Димитровска не смее да има контакт со други предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, не може да гласа и да распределува предмети.
- Против Б.Н. осомничен за кривичните дела: Злосторничко здружување, Злоупотреба на постапка за јавни набавки и Перење пари и други приноси од казниво дело, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП додека за Б.П.М. и Т.Д. осомничени за кривичното дело Oддавање службена тајна, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 3 и т. 7 од ЗКП, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело. - Основен кривичен суд Скопје.
Според соопштението од ОЈОГОКК, претседателката на ДКСК Татјана Димитровска е осомничена за оддавање службена тајна на еден од обвинетите во „Адитив“, од месец мај до декември 2024година. Преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна.
Антикорупциска се произнесе и наведуваат дека ќе продолжат да функционираат согласно Закон.
- Државната комисија за спречување на корупцијата во рамки на своите надлежности, продолжува да функционира редовно во согласност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Како институција остануваме транспаренти и отворени за јавноста и за соработка со надлежните органи. - ДКСК.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат, оној кој сторил кривично дело треба да одговара.
„Секој инволвиран во одредено против правно дејствие за кое постојат јасни докази и факти мора да одговара, без разлика на неговата политичка, верска, етничка, а најмалку без разлика на неговата функција која ја извршува. Доколку постојат докази за сторено кривично дело, недозволено е таквото однесување.“ - Валентин Манасиевски ВМРО-ДПМНЕ.
И опозициската СДСМ со ист став.
„Апсолутно сметам дека треба да се утврди реалната состојба и било кој и да го прекрши законот треба да понесе одговорност.“ - Венко Филипче претседател на СДСМ.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ - Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Според Обвинителството, осомничените организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка и овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист. Истрагата беше покрената во декември минатата година, а претреси се вршеа на повеќе од 70 локации во неколку градови низ Македонија.
Во февруари годинава, ОЈОГОКК поднесе обвинение против 31 физичко и 5 правни лица. Под истрага се поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, кој веќе со месеци е во бегство како и Васко Стефанов.