Примена на вештачката интелегенција и музиката: Помага, но кој може да ја замени душата на композицијата
Примената на вештачката интелигенција и новите технологии во музиката се присутни меѓу македонските музичари и артисти одамна. Некои од нив ги применуваат делумно, а некои повеќе. Согласни се дека тие можат да бидат од корист во повеќе сегменти во креирање на музиката, но и во постпродукцијата, а особено за презентација на нивната музика преку користење на современите алатки и социјалните медиуми.
Се поставуваат низа прашања од тоа дали со примена на вештачката интелигенција секој од нас може да создава музика, како ќе се класифицира оваа музика, но и мошне важното прашање за авторските права и финансиското вреднување на таквите дела. Примената на вештачката интелегенција се смета дека би можела да значи нова револуција во музиката. Со помош на специјални компјутерски програми и алгоритми може да се создаваат нови песни креирани врз база на сета музика внесена при создавање на вештачката интелигенција.
Во мај година, Европската унија го одобри првиот Закон за вештачка интелигенција во светот. Повеќе тела од креативната индустрија и од музичкиот свет во ЕУ ја поздравија оваа легислатива (CISAC, EMMA, GESAC, ICMP, IFPI, Impala и IMPF). Европската музичката индустрија водеше голема кампања за да се осигура дека Законот за вештачка интелигенција ги вклучува посакуваните регулативи околу авторските права.
Вештачката интелигенција може да помогне, но дали некој може да ја замени душата на композицијата
Користењето на вештачка интелигенција во креативниот процес, зависи од процесот кој самиот автор сака да го помине или забрза, вели џез музичарот и ко-сопственик на издавачката куќа „PMGJazz“, Владан Дробицки. Додава дека колку повеќе се употребува и внесуваме покомплицирани параметри, програмата сама се усовршува.
– Мислам дека зависи од типот на музика и процесот кој авторот сака да го помине, односно забрза. Сигурно процесот е доверлив и со тек на време ќе напредува. Колку повеќе се употребува, односно внесуваме покомплицирани параметри, програмот сам се усовршува, вели Дробицки.
Според него, доколку зборуваме за комерцијалната музика, прашањето дали би можеле или би требало да правиме дистинкција до каде е авторот, а од каде почнува вештачката интелигенција е ирелевантно, додека пак, во „уметничката музика“, вели нештата малку се комплицираат.
– Мислам дека уште некое време авторите ќе бидат безбедни. Вештачката интелигенција претпоставувам работи по некои параметри, а креативноста на авторите се мери по моќноста да избегаат од истите параметри, вели Дробицки.