Прилепско обвинителство за случајот со ученикот што падна од прозорец: Несреќен случај е
Прилепското јавно обвинителство очекува денеска да добие известување од полицијата за случајот со повреденото 11-годишно момче кое падна од третиот кат од основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп и се здоби со тешки повреди. Обвинителството претходно ѝ дало насоки на полицијата како да постапи и да ги извести.
„Од досегашните сознанија сметаме дека станува збор за несреќен случај, но на полицијата ѝ дадовме насоки да изврши разговори со медицинските лица кои интервенирале во случајот, со вработените од училиштето и со други лица. Во текот на денешниот ден ќе добиеме извештај од полицијата за да се знае како понатаму да се постапи“
Немилиот настан се случил во понеделникот, на големиот одмор во попладневната смена. Од засега непознати причини, шестоодделенецот паднал од прозорецот на третиот кат од училишната зграда. Веднаш била повикана Итна помош и лекарите го нашле детето во полусвесна состојба.Ученикот се лекува на детска хирургија во Скопје. Оттаму велат се наоѓа во стабилна здравствена состојба и е надвор од животна опасност.
Од училиштето испратија писмено соопштение дека станува збор за примерен, трудољубив, дружељубив одличен ученик и дека направиле сѐ за да помогнат.