Приговори за обвинението за Кочани: Обвинителниот акт е противречен сам на себе

,,Обвинителниот акт за трагедијата во " Пулс" е противречен самиот на себе бидејќи дејствијата кои им се ставаат на товар на обвинетите не можат да се опфатат со законското битие на кривичното дело за кое се обвинуваат" стои во приговорот поднесен до Судот од адвокат на еден од обвинетите во чиј документ увид имаше Тв 24.Во документот пишува и дека наместо сериозен пристап за целосно расчистување и расветлување со непобитни докази тоа со ваков акт не се случило бидејќи истиот не дава решителни факти и правна логика со која може да се поткрепи ваквото обвинение и правната квалификација во истото.Адвокатот бара и да се закаже рочиште за оценка на обвинителниот акт.

,,Сум напишал и поднел многу приговори но никогаш не сум имал потешка задача како што е пишувањето на овој приговор не затоа што обвинителниот акт е издржан и заснован на закон туку напротив затоа што истиот е противречен самиот на себе си.И не само што не е заснован на Кривичниот законик туку истиот е спротивен во своите тврдења и самата своја суштина на законите кои ја регулираат оваа материја. "стои во адвокатскиот приговор до кој дојде ТВ 24.

Обвинението испишано на 160 страници тежи со огромен доказен материјал, меѓу кој спорните лиценци,фактури, потврди, пријави, одобренија комуникација меѓу обвинетите односно над 1440 докази кои ја покажуваат дисфункционалноста и затајување на институциите на системот години наназад, што директно допринеле до трагедијата во '"Пулс."

Обвинети се 34 лица кои ќе одговараат за "тешки дела против општата сигурност“.

Првообвинет е Дејан Јованов - Деко газдата на дискотеката, кој првата лиценца за ја добил во 2012 година без да ги обезбеди минималните технички услови за угостителска дејност на објектот а, таканаречената дискотека ја реновирал на диво двапати досега во 2012 и 2024 година.Без план за процена и загрозеност и план за заштита и спасување.

На обвинителна клупа ќе седнат и неговите брат и син и пазарните инспектори кои двапати во 2012 и 2018 година дале зелено светло за работа на објектот.Се гони и сопственичката на проектантската фирма која го изготвила основниот проект како и тројца градежни инспектори од Кочани, тројцата последни градоначалници, директорот на Агенцијата за обезбедување и четворица вработени.Обвинети се и екс директорите на Дирекцијата за заштита и спасување.

 Главната алка во синџирот сепак била конекцијата со Министерството за економија од каде со мито биле издавани лиценците.

,,Обвинетиот службеник во 2019 од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари на банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“, соопштија од Обвинителството.

Меѓу обвинетите се и двајца екс министри за економија како и четворица службеници од државниот пазарен инспекторат бидејќи не изрекле забрана за работа на објектот кога во 2021 утврдиле дека истиот нема лиценца.

Обвинението го открива пеколот и траорот таа ноќ во која животот го загубија 62ца млади, а повредени беа над 220 лица.Дел од починатите се задушиле во јаглероден моноксид и поради повреди на градниот кош, тешки оштетувања на дишните патишта, изгореници од втор и трет степен.

Според правниците судскиот процес за овој случај ќе биде долг и мачен . Она што сега се чека е оценката на Судот за обвинението дали има или не правни недостатоци,а откако ќе се утврди неговата правосилност ќе биде закажано првото судско рочиште.