Прифатени се новите правила, доаѓа нова ера во Ф1
Foto

Прифатени се новите правила, доаѓа нова ера во Ф1

Официјално, претставена беше, како што велат, новата ера во Формула 1. На свеченост во Женева, денеска едногласно беше прифатен пакетот нови правила за 2021 година, според кои овој спорт би требало да биде драстично променет. Овие правила и прописи, на кои се работеше во последниве две години, имаат цел да овозможат болиди кои ќе имаат многу поизедначена борба на патеката, потоа, намалување на разликите во брзините на болидите од различни екипи, воведување финансиски лимит за поголема изедначеност меѓу тимовите.

Конкретно за финансиите, станува збор за ограничување на буџетот кој се однесува на перформансите на болидите, односно сите вложувања за нивен развој, во текот на една година. Според новите правила, таа сума не смее да изнесува повеќе од 175 милиони долари, а досега кај големите тимови надминуваше и 200 милиони. Во овој лимит не влегуваат парите за маркетинг и за плати на возачите.

Понатаму, болидите ќе имаат пошироки гуми, попрецизно 18 инчи, ќе имаат аеродинамички елементи кои ќе овозможат намалување на турбулентниот воздух, кој му пречи на болидот во позадина.

Со новиот дизајн, тој ќе биде насочен нагоре и ќе се губи само десет проценти од потисната сила, наместо досегашните 40-50. Ќе има поедноставени предно крило и суспензија, нов под и задно крило, како и некои задолжителни елементи во дизајнот.
Лимитирани ќе бидат надградбите на аеродинамички елементи од викенд во викенд и намалени рестрикции за замена на некои од компонентите на болидот.

Сите промени се направени со намера да се придонесе за поголема возбуда на патеката, повеќе престигнувања и поголемо влијание на факторот возач.

0 Коментари

Остави коментари