Превозниците во Струга од утре го прекинуваат превозот за 11 села поради заостанати долгови од општината
Од утре жителите на 11 струшки села остануваат без превоз до Струга. Поради заостанати и со години неподмирени долгови од страна на Општината, превозниците одлучија да не возат сè до целосно решавање на проблемот.Тие бараат исплата на сите заостанати долгови во рок од 15 дена, како и итна ревизија и корекција за зголемување на цените по зони, согласно реалните економски услови. Барањата до Локалната самоуправа ги испратиле уште минатиот месец, но до денес решение нема, па затоа од утре целосно го прекинуваат превозот.Она што дополнително загрижува е што ова се случува на само една недела пред стартот на учебната година, па учениците од овие села буквално ќе немаат со што да одат на училиште доколку брзо не се најде решение.
Градоначалникот Ќура пак вели дека долгот изнесува 60.000 евра, кои ќе ги исплаќа етапно во рок од 2 до 3 месеци, додавајќи дека истите се наследени од претходната власт.
Превозниците потенцираат дека долгот е и од 2025 и од 2026 година. Посочуваат дека и покрај нередовните исплати, тие совесно и професионално продолжиле да ја вршат својата дејност, ставајќи го јавниот интерес пред сопствениот. Сепак, нагласуваат дека ваквата ситуација веќе не е одржлива и дека товарот од финансирањето на јавната услуга не може да паѓа исклучиво врз нив, кои веќе подолг временски период практично ја кредитираат услугата со сопствени средства.

