Претседателска трка во СДСМ: Ќе му ја помати ли сметката Ременски на фаворитот на Заев, Ковачевски?
Трката почна, првите кандидатури поднесени, лидерската позиција во СДСМ посакувана цел. Под мотото „Заедно, одговорно и посветено“, актуелниот заменик-министер за финансии
Димитар Ковачевски ја поднесе денеска својата кандидатура за челната позиција во СДСМ. Ковачевски, до вчера непознат за пошироката јавност но и за пошироката партиска база со ветер во грб од премиерот и сеуште прв човек на партијата Зоран Заев сега претендира да го превеземе водството во владеачката партија. Дали ќе биде под влијание на Заев? Ковачевски вели: не.
Кандидатура поднесе и поранешната пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски. Таа вели во СДСМ била кога се носеле тешки одлуки, затоа сега мисли дека треба да ја води партијата. Ременски излезе од раководството на партијата после процесот и нејзиното обвинение во случајот „Меѓународен сојуз“ каде се уште се води судскиот процес.
Прашана за подршката која Ковачевски ја има во трката за претедател на партијата, Ременски вели дека верува дека тоа не и ги намалува шансите и дека ова не би била борба на спротивставени идеи, туку натпревар на умови. Ковачевски пак не сакаше да ја коментира кандидатурата на како што кажа другарката Ременски, ниту на другите другари од партијата.
Во СДСМ сега се чека на евентуалните останати кандидатури за партиските избори кои треба да се одржат на 12 Декември кога би се знаел наследникот или наследничка на Заев. Дека нема да се кандидираат за лидер претходно се изјаснија Петре Шилегов и Венко Филипче, додека евентуална кандидатура најави градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, но подоцна кажа дека сега би се посветил на водењето на градот.