Претседателот Пендаровски се обрати на Генералното собрание на ООН

Оваа година фокусот врз сите нас е можеби поголем од кога било претходно, а причината е во поразителниот факт дека најмал заеднички именител на емоционалната состојба на човештвото денес е стравот.

Стравот од војни, од глад и сиромаштија, од пандемии, од еколошки катаклизми, страв за иднината на нашите најблиски. Ноторен факт е дека меѓународниот поредок е темелно разнишан на повеќе точки во светот, кажа претседателот Пендаровски во своето обраќање на Генералното Собрание на Обединетите нации.

Сепак Пендаровски потенцира дека тоа не треба да биде прифатено како нормална состојба, според него чувството на страв треба да се замени со надеж и со верба за поправеден свет. Предуслов за тоа е да постигнеме, без одложување, еден обновен договор за почитување на темелните вредности и хуманите идеали заради кои и беше основана оваа организација пред 78 години. За војната во Украина Пендаровски вели дека станува збор за најголемата безбедносна криза по Втората светска војна, со глобални последици кои, повеќе или помалку се чувствуваат на сите континенти. Пендаровски ги потсети лидерите на предупредувањето за ризик од нуклеарна катастрофа кое неодамна го изнесе генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. 

- Овој аларм од највисокото ниво на Организацијата треба да биде повик до секој разумен политички лидер за глобална мобилизација за зачувување на мирот, без сомнение, најголемата вредност на човештвото. - рече Пендаровски.

Пендаровски во говорот се осврна и на кризите предизвикани од војната, како што се недостатокот на храна, енергенси.

- Даваме целосна поддршка на напорите на генералниот секретар за враќање во сила на договорот за извоз на украинско жито преку Црното море, затоа што е целосно неприфатливо, храната и енергијата да се користат како оружје за остварување на воени или политички цели. - рече Пендаровски.

Претседателот на Македонија, Пендаровски, потсети за глобалната солидарност. Тој го сподели примерот на Скопје, главниот град на државата, кога пред 60 години беше погоден од катастрофален земјотрес, а градот, вели Пендаровски „се крена од пепелта“ благодарение на глобалната солидарност.

- Ние научивме на потешкиот начин што значи подадена рака во неволја. Катастрофалниот земјотрес во Турција, во февруари оваа година, нè натера повторно да се навратиме на суштината на хуманизмот: ранливоста пред природните катастрофи, но и исконската потреба на човекот да им помогне на послабите и на настраданите. - рече Пендаровски.

Тој говореше и на климатски промени, за која рече дека со сите предизвици „ќе се соочиме“ доколку поефикасно ги користиме изградените механизми. Потребно е вели порешително да се адресира проблемот на климатските промени.

Претседателот истакана дека без сомнение, светот е исправен пред егзистенцијален предизвик, а единствениот успешен противодговор е можен, само ако земјите се обединат врз една, единствена платформа.