Претседателот на Регулаторна Бислимовски поднесе оставка

Марко Бислимоски се повлече од Регулаторната комисија за енергетика. Ненадејно и ненајавено, тој денеска поднесе оставка од функцијата претседател на РКЕ. Бислимоски утрово го известил Собранието дека се повлекува од челната позиција, но засега не е познато што е причината за неговата одлука.

Телевизија 24 се обиде да стапи во контакт со него, но тој не одговори на нашите телефонски повици. Од Регулаторната комисија писмено ја потврдија оставката и му се заблагодарија за долгогодишната соработка и ангажман. Оттаму велат дека институцијата ќе продолжи редовно да функционира.

„Согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, се додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Бислимоски ќе ја извршува функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика.“

Оставката доаѓа две недели откако Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Бислимоски под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Според пријавата, тој не постапил навреме во однос на одземање на лиценца на компанијата „Тритерол Петрол“, во сопственост на контроверезниот бизнисмен Љупчо Пецов Ѓаволот, иако таа не ги исполнувала законските услови за вршење енергетска дејност. Наместо лиценцата да биде одземена во јануари 2024 година, постапката била прекината, а лиценцата одземена дури во април 2025 година, со што ѝ било овозможено на компанијата да продолжи со работа и да учествува во јавни набавки.

Бислимоски тогаш изјави дека нема да дозволи неговото име да биде извалкано и дека на надлежните институции ќе им ги стави на располагање сите информации, уверувајќи дека во постапката не било направено никакво прекршување на законската регулатива. Марко Бислимоски е дел од Комисијата од нејзиното основање, а стана претседател на РКЕ во 2018 година. Пред неполни три години доби и втор мандат. Ја водеше Регулаторна во време кога поради ковид пандемијата и светската енергетска криза, земјава беше соочена со огромен ценовен притисок на енергенсите

. Ќе остане запаметен по воведувањето на блокови на потрошувачка на струја, потег кој според познавачите на оваа проблематика, овозможи граѓаните да не го почувствуваат енормниот скок на струјата на светските берзи.