Претседателката утре ќе го обелодени името на кандидатот за иден гувернер
Претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова ниту денеска не сакаше да каже кого во собранието ќе предложи за иден гувернер на Народната Банка. Тоа ќе го стори утре. Има донесено одлука, и тоа по консултација со неколку експерти од оваа област, а разговарала и со поранешни гувернери.
Силјановска Давкова додава дека освен прашањето за гувернер, многу е битно и кој ќе биде на заменичките места, бидејќи според неа важно е со кого шефот на Централната банка ќе има соработка и кој ќе го менува кога тој или таа ќе бидат отсутни.
„Уште повеќе би сакала јас да можеше да има повеќе кандидати ама тоа не е можно секогаш. Се разбира дека во оваа област е потребна соработка, вие знаете дека во таканаречените неизвршни членови ќе влезат предложени од владата. Ние сме имале среќа во оваа држава и одлично сме се однесувале кон оваа функција, одете нанзад ќе видите дека сме имале добри гувернери, а тоа го кажуваат и странските евалуатори. Јас веќе најавив дека во среда веќе ќе знам.“ - Гордана Силјановска Давкова претседателка на Македонија.
Актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска денеска го одработи последниот ден од нејзиниот седумгодишен мандат како прв човек на Народната банка. Освен со Бежоска, шефицата на државата Силјановска Давкова веќе разговарала и со Зоран Ставрески и со Трајко Славевски, двајцата поранешни министри за финансии од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Предлогот за гувернер, претседателот на државата треба да го достави до собранието а тој да добие амин од 61 пратеник.