Претседателката на ДКСК осомничена во случајот Адитив - се бараат мерки за претпазливост
Јавното обвинителство бара мерки за претпазливост за претседателката на ДКСК Татјана Димитровска за предметот „Адитив“. Димитровска се наоѓа во кривичен каде треба да биде изведена пред судија на претходна постапка.
Од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица, без да прецизираат имиња.
Предметот Адитив се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ - Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.
Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Истрагата беше покрената на 10 декември минатата година а со неа беа опфатени 23 луѓе, меѓу кои и поранешните директори на ЕСМ Васко Ковачевски, кој е во бегство, и неговиот наследник Васко Стефанов. Во истиот предмет, осомничени и во притвор се Ратко Капушевски газдата на РКМ и Асмир Јахоски сопственикот на Пуцко Петрол.