Претреси и акција против затворски полицајци

Полицијата ги уапси Филип Андов - Сокол, поранешен директор на Затворот во Шутка и Сашко Крстевски - Ѕверот, поранешен заповедник во истиот затвор, кој од пред неколку месеци е во пензија.

Тие утрово се приведени во голема полициска акција. Осомничени се за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за овозможување бегства на затвореници и соизвршителство. Според неофицијални информации, двајцата ослободувале затвореници и ги пуштале слободно да шетаат и да се враќаат во затворот кога сакаат. Покрај Сокол и Ѕверот, приведени се и повеќе поранешни и сегашни вработени во затворите, осомничени за незаконско работење и учество во криминална мрежа.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврдуваат дека акцијата е во тек.

„Под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по Наредба на судија на претходна постапка полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при МВР извршуваат претреси на локации во Скопје“, велат од ОЈО за ГОК.

Директорот на Управата за санкции, Александар Пандов, за ТВ 24 вели дека веднаш по преземањето на функцијата спровел контроли во казнено-поправните установи, при што биле утврдени злоупотреби во работењето на дел од раководниот кадар во затворите. Овие сознанија биле доставени до МВР и Обвинителството. Осуденици и притвореници во македонските затвори често имаат пристап до мобилни телефони, но и до пари и дрога. Последен пример кој се обелодени во јавноста беа фотографиите на кои се гледаше 20-годишниот Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова, како по само еден ден во притвор, во рака држи мобилен телефон.

Инаку, поранешниот директор на Шутка Филип Андов беше именуван на функцијата во 2020 година, откако претходно му беше советник на тогашниот премиер Зоран Заев за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје. Пред тоа менаџираше локални барови и имаше еден неуспешен обид за угостител.