Пресуди за “Титаник 2“, по две години затвор за сите обвинети
По две години затворски казни во случајот Титаник 2 за поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, а за виновни беа прогласени и четворица поранешни членови на Државната изборна комисија, кои судијата Огнен Ставрев исто така ги осуди на две години затвор.
Титаник 2 се однесува на договорање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПОМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица. Мендух Тачи беше единствениот кој денеска не се појави на изрекувањето на пресудата. Мијалков беше спроведен од затворот во Струга, но во судот пристигна со задоцнување. Судијата Ставрев изрече поблаги казни за сите обвинети во споредба со оние од првата првостепена пресуда.
Обвинителството е задоволно од пресудата. Обвинителот Гаврил Бубевски рече оти овој случај застарува во април и во интерес на постапката, нема да поднесе жалба до Апелација.
За разлика од обвинителството, одбраната на Мијалков веднаш најави дека ќе се жали на пресудата. Според нив, судијата Ставрев не ги земал предвид препораките од Апелација при носење на пресудата.
Ова е втора пресуда на Кривичниот суд, кој во март 2019 година им изрече повисоки казни на исте обвинети за изборни нерегуларности. Сепак, Апелација само неколку месеци подоцна ја укина пресуда и го врати предметот на повторно судење. Според обвиниението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за понитшување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, а на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.
Со првата пресуда, Мијалков доби три години затвор, Тачи беше осуден на три години и два месеци, додека Ибраими доби највисока затворска казна во траење од четири и пол години. Останатите членови на ДИК тогаш беа осудени на три години затвор.