Пресуда за убиството на ракометарот Денис Тот, Анџело и Клементина добија 18 години, Андреј 16 години затвор
Анџело Ѓорѓиевски и Клементина Левковска добија по 18, а Андреј Костовски 16 години затвор за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.
Тие денеска беа прогласени за виновни за убиство од Судечкиот совет при Основниот кривичен суд во Скопје во неправосилната пресуда. Адвокатот на Ѓорѓиевски најави жалба, вели казната е драконска и смета дека една трагедија не се решава со друга.
Жалба најави и одбраната на Левковска, нејзиниот адвокат Емил Гугутчески рече оти од нејзиниот удар нема настапено смрт.
И адвокатот на третообвинетиот Анџело Костовски најави дека ќе бара правда пред апелиација, како по основ на пресудата, така и по основ на висината на истата. Обвинителката пак Тања Трајчевска за медиумите рече дека пресудата на судијката Елена Илиевска Јосифовиќ не е правосилна и поради не сака да ја коментира, но рече дека висината на пресудите е согласно законот.
Сите обвинети добија вкупно 52 години затвор за убиството на 27-годишниот ракометар Денис Тот, кој беше убиен пред дискотека во градскиот парк во Скопје на 7 април. Одбраната во текот на доказната постапка, преку изведените докази и изјави за медиуми, алудираше на преквалификација на делото, бидејќи, според нив, во кривичното дело „убиство” за кое се обвинети обвинетите, недостасува умислата.
Тие, исто така, испрашуваа очевидци на настанот, како и вешти лица од областа на психијатријата и психологијата, а на нивен предлог сведочеа и лекарите кои го лекувале оштетениот Денис Тот по приемот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување.
По завршувањето на доказната постапка, обвинителката Тања Трајчевска побара осудителна, додека, одбраната и обвинетите, ослободителна пресуда.