Пресуда за Панчевски: Политика или правда?

По двасет дена во Шутка, судијата Владимир Панчевски од ноќеска е на слобода. Пуштен е од притвор и така ќе ја дочека правосилноста на 3ипол годишната казна затвор. Oдбраната на поранешниот претседател на Кривичен суд веќе ги адресираше забелешките за судењето.

Случајот кој во рок од девет месеци се одложуваше десетина пати, заврши во еден ден. Почна со сведок, увид во докази, одбрана на обвинетиот, завршни зборови и на крај беше соопштена и одлуката. Сето ова за  речиси 12 часа. Судијката Валентина Георгиевска за 40тина минути ја донесе пресудата. Токму на овој тек на постапката реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“, кои доследно го следеа судскиот процес. 

- Основниот суд Велес досега нема одржувано вакви маратонски судења што траат дури и по истекот на работно време на судот, а особено не по барање на одбраната на обвинетиот/тите во постапката. Ваквата „динамика“ е симптоматична доколку се доведе во корелација со претходниот тек на судската постапка. - велат од Коалиција Сите за правично судење.

Судијката Ѓеоргиевска одлучи да не ги пушти камерите внатре, а објавата за јавноста беше штура и во неколку реченици. Го осуди Панчевски за злоупотреба на службената положба затоа што рачно местел предмети кај одредени судии. За тоа наброја дека имало „плејада на сведоци“ и детално вештачење.

Се брзаше да одлучува за притворот, на што претходно инсистираше Панчевски.  Во брзање заборавија да ја повикаат и обвинителката Цветанка Богоевска да ја слуша пресудата, која влезе во судницата откако заврши процесот. Таа на новинарите неформално  во ходниците им кажа дека ја заборавиле да ја викнат. Официјално од обвинителството за ТВ24 велат дека настанало недоразбирање.

И покрај бројните забелешки, резултатот е завршен процес, а тоа укажува дека ниту судиите не се над законот, вели поранешниот судија Дане Илиев. 

Владимир Панчевски е осуден на 3ипол години затвор, од максимални пет за злоупотреба на службената положба во периодот меѓу 2013-2016-та фгодина. Тој обвинува за политички инспирирано обвинение од власта на Зоран Заев.

Овој процес кој го водеше судијката Валентина Георгиевска го одбележаа и отстапки од принципите на транспарентност за кој се залагаат нејзините колеги преку Судско-медиумскиот совет. Освен што не дозволи да се снима пресудата, судијката забрани на новинарите да ги користат и мобилните телефони внатре во судницата.