Пресуда за Николов кој на пешачки премин смртно прегази 11 годишно девојче од Велес
Велешанецот Ангелче Николов доби затворска казна во висна од 18 години за две кривични дела, „Тешки дела против безбедноста на луѓето“ и за „Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ за сообраќајката во Велес во која почина 11-годишната Магдалена Иванова.
За првото дело доби 17 години и шест месеци, а за второто една година или во една единствена казна 18 години. Тој двете дела ги сторил со умисла. Максималната казна која обвинетиот можеше да ја добие е 20 години затвор.
Николов возел под дејство на алкохол, двојно побрзо од дозволеното и го усмрти девојчето на пешачки премин. Наместо да застане и да им помогне на жртвите, Иванова и мајка ѝ, тој со несмалена брзина продолжил да вози во правец кон населбата Превалец.
„Обвинетиот по сторувањето на делото безобѕирно го напуштил местото на настанот, и не се обидел да ги поправи штетните последици предизвикани од негови дејствија. Се криел повеќе од 30 часа, не се интересирал што се случило со оштетените, а што се предал по толку време судот не го цени како олеснителна околност. Претходно, два пати е осудуван за сообраќаен прекршок при што му се изрекувани забрани за управување на возило, што укажува дека се работи за лице со ниско ниво на сообраќајна култура, не почитува сообраќајни пропусти и изречените казни не влијаеле на него. Изреченото признание судот го зема како придонес за побрзо завршување на постапката. Судот не се стекна со впечаток дека кај обвинетиот има искрено каење и жалење за стореното. Олеснителни околности се дека не е кривично осудуван и дека е безимотен“, кажа во образложението судијката Габриела Гајдова, претседател на петчлениот Судски совет.
Обвинителството и адвокатот на обвинетиот не дадоа изјави по изрекувањето на пресудата, која не е правосилна.