Пресуда во Хаг: Казни за четворицата лидери на ОВК, Тачи доби 25 години затвор

Хашим Тачи осуден на 25 години затвор.  58-годишниот Тачи e осуден за злосторства, вклучувајќи убиство, тортура и незаконско затворање извршени додека бил врховен командант на етничките Албанци на Ослободителната војска на Косово.  Судот соопшти дека тој е виновен за убиствата на 96 политички противници и лица за кои се верува дека соработувале со српските безбедносни сили од страна на таканаречената ОВК за време на конфликтот. Тачи ги негираше сите обвиненија. Реџеп Селими е осуден на 13 години затвор, Кадри Весељи на 18 години затвор, a Јакуп Красниќи на 25 години затвор. Од утрово, специјализираните совети во Хаг почнаа со изрекување на пресудата против поранешните водачи на ОВК Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весели, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Судскиот совет во Хаг утврди дека Хашим Тачи одиграл клучна улога во формулирањето и спроведувањето на заедничката криминална цел на ОВК и дека значително придонел за нејзино спроведување. 

Чарлс Смит - судија: „Тој лично учествувал во извршувањето на кривични дела, ги поттикнувал и поддржувал“.

Исто така, беше утврдено дека Тачи имал сознанија за кривични дела извршени против противниците на ОВК, но не презел никакви мерки за спречување на овие кривични дела. Кадри Весели учествувал во извршувањето на кривични дела и го поттикнувал нивното извршување, лично учествувал во идентификувањето и ликвидирањето на противниците на ОВК и имал сознанија за кривичните дела, но не направил ништо за да ги спречи. Судскиот совет на Специјализираните совети во Хаг заклучи, во случајот против поранешните водачи на ОВК, дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека постоел систематски или широко распространет напад насочен против цивилното население, односно дека обвинителството не докажало дека членовите на ОВК го таргетирале цивилното население во смисла на злосторства против човештвото. Судијата Чарлс Смит од Специјализираните совети за Косово во Хаг, за време на изрекувањето на пресудата на поранешните водачи на  ОВК, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, рече дека  најдоцна од април 1998 година до август 1999 година, членови на ОВК извршиле акти на насилство и злоупотреба врз цивилното население низ цело Косово и во одредени делови од северна Албанија кои биле под контрола на ОВК, извршувајќи, меѓу другото, дела наведени во член 13 од Законот. Советот, исто така, заклучи, како што рече Смит, дека овие дејствија претставуваат напад кој бил систематски и широко распространет. 

Чарлс Смит - судија: „Панелот заклучи дека Обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение дека нападот бил насочен против цивилното население. Поточно, панелот заклучи дека, иако постоела политика или план за целни напади врз лица кои се сметаат за противници, жртвите биле претежно, а некои исклучиво, избрани и целни врз основа на нивните индивидуални околности. Затоа, панелот не бил убеден дека лицата, цел на ОВК во контекст на овој случај го претставувале цивилното население за целите на злосторствата против човештвото“. 

Обвинителството докажало дека членовите на ОВК намерно извршиле дејствија и пропусти што предизвикале смрт на најмалку 98 лица, односно воено злосторство убиство, беше соопштено за време на пресудата. Специјализираниот совет за Косово во Хаг објави дека обвинителството докажало дека ОВК извршила воено злосторство, незаконско или произволно апсење и лишување од слобода на најмалку 385 лица. Голем број медиумски екипи ја следат пресудата. Припадници на холандската полиција се распоредени пред зградата на судот во Хаг. Во близина на судницата се собрани граѓани, со знамиња и амблеми на ОВК, со  поддршка на водачите на ОВК. Во своите завршни зборови, обвинителството побара по 45 години затвор за обвинетите Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Селими и Кадри Весељи. Обвинението ги товари врз основа на индивидуална кривична одговорност со шест точки за злосторства против човештвото и четири точки за воени злосторства. Сите четворица беа меѓу политичките и воените лидери на ОВК за време на војната, а по војната заземаа високи позиции во косовските институции. Во 2008 година, како премиер, Тачи ја прогласи независноста на Косово, а подоцна беше претседател. Процесот почна откако Специјализираниот совет, основан во 2015 година, го потврди обвинението против четворица поранешни лидери на ОВК во 2020 година. Сите тие се притворени во Хаг од ноември 2020 година, судењето почна во април 2023 година, а доказната постапка заврши на крајот на 2025 година. 134 сведоци сведочеа во судницата. обвинението ги товари за злосторства против човештвото и воени злосторства.