Пресуда: Директорите Флорин Бесими и Артан Етеми виновни за пожарот во модуларната болница

Ефективна затворска казна од една ипол година, добија директорите на Тетовската болница, Флориан Бесими и Артан Етеми, на повторното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово во која изгореа 14 лица.

Судот ја прогласи и болницата како одговорна за предизвикување општа опасност за што ќе треба да плати 1 милион денари.

Семејствата на загинатите пациенти иако не се задоволни од пресудата и најавија жалба, вината ја гледаат и кај поранешниот министер за здравство – Венко Филипче, како и кај директорот на фирмата која го доби грантот од Светската банка за изградба на модуларната болница Кочо Анѓушев. 

Обвинетиот Бесими исто така ја посочи изградбата на објектот како причина за пожарот кој лесно избувнал а потоа бурно се проширил, а не недостатокот на противпожарни апарати. 

Од ЈЗУ Клиничка болница Тетово најавија жалба за пресудата која ја нарекоа последица на грешно утврдена фактичка состојба. Обвинителот како и обвинетиот Артан Етеми не беа присутни на изрекувањето на пресудата и засега не е познато дали и Обвинителството ќе се жали на пресудата. Во првата пресуда за овој случај, Бесими и Етеми добија условна казна од една и пол година затвор, но по жалба на Обвинителството, Апелација го врати предметот на повторно судење.