Преспанското езеро, полека но сигурно ја губи битката за опстанок

На Преспанското Езеро му се случува еколошка катастрофа алармираат експертите.Покрај климатските промени и недостигот на вода, езерото е во фаза на еутрофикација предизвикана од претераната  употреба на пестициди за овоштарството. 

„Веќе е дојдено до ситуација на еутрофикација тоа верувајте една бактериска реакција се случува на Преспанското Езеро од нас луѓето кои имаме недоволно грижа со прскање пестициди кои преку подземните води ја хранат таа алга која не му дозволува да има сончеви зраци на другата алга која произведува кислород“, Сашо Кироски еколог и истражувач на Преспанското Езеро. 

Сликата од терен е загрижувачка. Водата и натаму се повлекува. Езерото станува се поплитко и подалечно. Жителите велат пред половина век,  во пролет се подготвувале за летната туристичката сезона, денес се’ помалку гости доаѓаат. Никој не води грижа што езерото веќе не нуди можности за рекреација и исчезнува пред очите на сите. 

„Немаше трска, ниту врба.Кон седумдесеттите години почна да се намалува езерото, се намалува и никој не води грижа да додје да помогне, да бара решение да се поправи. Само си оди враќање нема назад, дотур на вода нема, вода нема, слаби зими, нема врнежи, дождови“, вели Ванчо Василески од село Стење. 

Период наназад се зборува за превземање итни мерки за спас на Преспанското Езеро  од страна на трите држави Македонија, Албанија и Грција. Одржани се многубројни состаноци но во пракса нема ништо. Второто езеро по големина во земјава полека но сигурно ја губи битката за опстанок.