Преспанското езеро ем без вода, ем загадено
Освен намалениот водостој состојбата со Преспанското Езеро е загрижувачка и од аспект на неговата загаденост. Хидрбиолозите велат има големи количини на фосфор и азот во водата кои го загрозуваат живиот свет, а преку синџирот на исхрана стигнуваат до птиците и човекот.
Загадувањето е најчесто од прекумерната употреба на пестициди кое преку почвата и подземните води стигнуваат до езерото каде предизвикуваат зголемено цветање на алги и можност за појава на цијанофити – токсични алги.
Таквите високи концентрации на хемикалии предизвикуваат бројни болести и кај човекот предупредуваат од Институтот за јавно здравје.
Од секторот за животна средина од Ресен информираат дека направените анализи на водата укажуваат на зголемено органско и нутриентно оптоварување,а посебно алармантна состојба е забележана во Претор во близина на браната на Голема Река, која претставува и најголем потенцијален загадувач во литоралната зона, односно Преспанското Езеро во целина.
Од научната фела бараат анализите на пестицидите во водата да се објавуваат јавно и инспекцијата да биде поажурна во контролите какви хемикалии се користат и колку често се прска. Интервенција час поскоро се бара и за загубата на вода од езерото кое од ден во ден се помалку го има.

