Преполна сала во КИЦ во Белград за музичкиот проект „Извор“
Салата на Културно-информативниот центар Белград синоќа беше преполна со публика која го проследи музичкиот проект „Извор“ во исклучително впечатлива изведба на македонските музички уметници Владимир Лазаревски (обоа), Памела Велкова (виолина) и Марко Виденовиќ (композитор и пијано).
Музичкиот проект и музичките уметници ги претстави директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров, а настанот го поздрави и македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески.
Овој музички проект што содржи десет современи музички теми е поддржан од Министерството за култура и туризам, а партнери на КИЦ Белград во организацијата на овој исклучително топло примен музички настан беа Културниот центар на Белград и Националниот совет на Македонците во Србија.