Премиерот Спасовски им врачи плакета на авторите на „Медена земја“: Благодарам што нé направивте горди
Foto

Премиерот Спасовски им врачи плакета на авторите на „Медена земја“: Благодарам што нé направивте горди

Премиерот Оливер Спасовски денеска имаше средба со авторите на филмот ,,Медена земја”, документарецот кој од премиерата на филмскиот фестивал „Санденс“ на 28 јануари 2019 година, освои десетина други највисоки филмски награди во светот и беше номиниран на 92-та церемонија на Оскарите во две категории: за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм.

Поздравувајќи ги режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и кинематографот Самир Љума, премиерот Спасовски уште еднаш им честиташе на филмските работници за значајниот успех, и заедно со своите колеги од Владата во опуштена атмосфера им ја искажаа огромната благодарност, за гордоста која ја приредија на сите граѓани на нашата држава со создавањето на документарниот филм „Медена земја“.

„Ви благодарам што нé направивте горди со освоените награди и номинациите. Вашите успеси се големи и ние како Влада донесовме повеќе заклучоци во однос на изразување признание за успесите и нивната реализација“, рече премиерот Спасовски, кој беше придружуван од министерот за култура Хусни Исмаили, Националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, советничката за култура Цветанка Ласкова и Бранко Петровски од Агенцијата за филм.

0 Коментари

Остави коментари