Премиерот не го коментира барањето за оставка од родителите на загинатите деца во Кочани
Без да го коментира барањето за оставка од страна на дел од родителите на загинатите во пожарот во дискотеката Пулс, премиерот Мицкоски денеска од Штип обвини дека трагедијата и болката на родителите се злоупотребува за предизборни цели.
По последните маршеви за ангелите од Кочани, можев да се видам во свој дигитален споменик, со лик испрскан со крв, каде што се води кампања против мене, министерот Тошковски и директорот Јанев – потенцираше Мицкоски.
И додека продолжува голготата и болката на родителите, кои и после шест месеци на речиси секој марш за ангелите прашуваат дали ќе има обвинение за над 20-те полициски службеници од ОВР Кочани и СВР Штип, од Обвинителството за 24 велат дека истражните дејствија се преземаат во рамки на законските рокови.
ЈОРСМ
“Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција активно постапува во истрагата со која се опфатени вкупно 27 полициски службеници за кои постои основано сомнение дека сториле Тешки дела против општата сигурност. Истражните дејствија се преземаат во рамките на законските рокови, а штом биде донесена јавнообвинителска одлука, јавноста ќе биде известена.“
Сè уште се чека и оценката за обвинителниот акт за предметот Пулс, а прашањето кое се наметнува е дали судењето се темпира да започне по изборите? Од Кривичен за 24 потврдуваат дека оценката за обвинението е во завршна фаза и велат кога ќе има одлука, истата ќе биде објавена во јавноста. Инаку, оваа оценка на обвинителниот акт е предуслов за да може да започне судскиот процес за најголемата трагедија во поновата историја на државата, во која животот го загубија 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.

