Премиерот Mицкоски повторно обвини за обид за поткуп, до обвинителството нема пријава
Одлучив јавно да се борам против криминалот и корупцијата, вака премиерот Мицкоски одговори на прашањето зошто во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција нема пријава дека се обиделе да го поткупат за да стави потпис на тендерот за изградба на пругата кон Бугарија.
Откако вчера јавно соопшти за обидот за поткуп, Мицкоски денеска рече дека тендерот бил од времето на претходната влада и дека неговата изјава е порака дека времето на криминалци во политиката завршува.
„Гледам одредени центри на влијание како се вознемирени, а вознемирени се затоа што ова е стар тендер, јавна набавка која ја водела претходната влада на СДСМ и ДУИ. Јас одлучив со јавност да се борам против криминалот и корупцијата и затоа ја дадов таа изјава и тоа е порака дека времето на криминалците во политиката заврши дека е време на чесни политичари, луѓе кои си го љубат својот народ и својата татковина и ќе работат за интересите на своите сограѓани и својата татковина и така ќе продолжам и во иднина.“ - рече Мицкоски.
Освен во обвинителството пријава нема пристигнато ниту во државната комисија за спречување корупција. Оттаму велат дека комисијата ќе се вклучи во постапките само ако МВР или обвинителството го упатат предметот до нив.
„Надлежноста за спроведување на истраги во вакви случаи припаѓа на други органи, како што се јавните обвинителства и МВР. ДКСК ќе се вклучи во постапките само ако еден од надлежните органи го упати предметот за натамошна контрола или ако има индиции за коруптивни дејствија што треба да се испитаат.“ - велат од Државната комисија за спречување корупција.
Од министерството за внатрешни работи пак, веќе соопштија дека постапуваат по повеќе предмети кои се поврзани со криминал и корупција, но без детали за случаите кои ги истражуваат.
Мицкоски вчера соопшти дека дека му било понудено мито за тендерот за Коридорот 8, а се одело преку тајни канали за комуникација, за што рече дека веќе ги информирал претставниците од Брисел и финансиерите на проектот. Не откри кој му понудил пари. По сето ова, извесно е дека ќе пропадне тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, еден од стратешките проекти, кој речиси триесет години не може да се заврши.