Премиерот Мицкоски е зачуден од реакцијата на Грција по изјавата дека македонското прашање се уште не е решено

Премиерот Христијан Мицкоски е зачуден од реакцијата на Грција која го обвини за иредентизам по неговата изјава во САД дека македонското прашање се уште не е решено.

Тој денеска се дообјаснува - земјава има низа пресуди од Меѓународен суд за кршење на човековите права на македонското малцинство во Бугарија, па споменувајќи го славниот психоаналитичар Фројд, Мицкоски вели дека македонското прашање нема да биде затворено, се додека земјава не ги оствари стратешките цели. 

Според Мицкоски би било неодговорно, несериозно и предавнички од него ако каже дека македонското прашање е затворено.

Ова доаѓа по вчерашната реакција на грчкото МНР, во која јужниот сосед смета дека македонското прашање е затоврено со Преспанскиот договор и не пропушти да потсети дека европски пат на земјава не зависи само од Бугарија туку и од Атина, преку почитувањето на споменатиот договорот. Мицкоски денес вели дека е подготвен прв да иницира средба со новиот бугарски премиер.

Премиерот завчера во Њу Џерси ја повика дијаспората да се бори за Македонија. Грчките медиуми анализираат дека „откако ја презеде функцијата минатото лето, Мицкоски, како националист, често ги прекршува условите од договорот, нарекувајќи ја неговата земја „Македонија“, наместо да го користи уставното име Северна Македонија“.