Премиерата на мјузиклот Као-какао на 2ри јуни

Првиот македонски мјузикл „Као какао“, инспириран од музиката на најголемиот виртуоз на гитара кај нас и пошироко, пејач, текстописец, еден од основачите на музичката група „Леб и сол“, Влатко Стефановски на втори јуни премиерно ќе се изведе во Македонски народен театар. Музиката на Влатко Стефановски која е македонска музичка лична карта, инспирацијата од истата Венко Андоновски ја претвора во текст. Дел од екипата за Влатко Стефановски велат дека е човек-епоха и следствено доаѓа да се направи мјузикл по делото на Стефановски. 

Влатко Стефановски-виртуоз на гитара, пејач, текстописец: „Тоа што и мојата музика игра некаква улога, тоа ми чини особена чест, затоа што се дава еден нов живот и се продолжува животот на таа музика и тие песни што сум ги пишувал изминативе години.  Јас сум многу пријатно возбуден. Се знаат песните што сум ги направил што нешто значат. Сум направил многу, ама тие најверојатно ќе значат после некое време. Се знае кои песни се избориле за својот медиумски простор или во колективната меморија. Најголемите хитови ќе бидат внатре.“ 

Режисерот Дејан Пројковски, вели дека елемнтите на мјузикл се испочитувани, но мјузиклот не се занимава со формата на стандардниот тип на светските мјузикли, туку се впуштиле во морето „Као какао“ и музичко сценска форма произлегува од музиката на Стефановски и неговите текстови. Одлуката и вербата одлучуваат дали Скопје е крајот или почетокот на светот, е порака-водилка низ мјузиклот.  

Дејан Пројковски-режисер: „Душата на старото Скопје се луѓето. Мислам дека тој хумор, таа љубов, посветеност, верба ја има во овој мјузикл. Како што вели, ликот кој го игра Рубенс, многу е важно во животот од гасеница, човек како верува со работа да стане пеперутка. Останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници. Тоа е лајтмотивот.“

За музичарот Влатко Стефановски е особена чест што овој мјузикл го продолжува животот на неговите песни.