Премиера на документарецот „Скопје – Градот на трудот“ од Лазар Нелковски

Во Летното кино „Мирно лето“ на Кинотека вечерва премиерно ќе биде прикажан првиот документарен филм „Скопје – Градот на трудот“ од Лазар Нелковски.

Ќе бидат прикажани филмските вежби што ги изработил во рамки на Филмската училница на Кинотеката, како и краткиот игран филм „DREAM„ во режија на Ленид Загрос, во којшто игра главна улога и којшто првпат ќе биде прикажан пред публика. По завршување на филмските проекции, Лазар концертно ќе го презентира својот прв музички албум „BORDER”.

Филмот „Скопје – Градот на трудот“ е опишан како свеж поглед на младите кон градот Скопје, неговата историја и архитектура и „бакнеж на новата генерација кон својот роден град“.

Филмот „DREAM“ е љубовна драма во којашто е обработена темата за анонимен фотограф заљубен во девојка, која што е во врска со неговиот ривал.

Лазар Нелковски е роден во 2005 година. Од рана возраст изучува музика, а потоа и драма, театар и филм. Завршил нижо музичко училиште, отсек пијано, а дополнително учи класична, рок гитара и тапани. Интезивно започнал да се занимава со театар, посeтувајќи неколку драмски студија, учествува во два меѓународни театарски проекти, шест години учествува на националниот фестивал „Giffoni Makedonija” а оваа година беше претставник на нашата земја на меѓународниот филмски фестивал „Giffoni” во Италија.

Во 2020 и 2021 година ја посетуваше Филмската училница на Кинотеката на РСМ. Тој е и активен ракометар и има настапувано за младинските категории на ракометниот клуб „Бутел“ и за првиот тим на ракометниот клуб „Македонија Ѓорче Петров“. Во 2021 година го основаше фестивалот „Нови Простори“ и раководи со неговата организација и реализација, во рамки на МЦКР.