Премиера „Мајка“ во велешкиот театар „Јордан Хаџи-контстантинов - Џинот“

Врвна реализација на замислените карактери, претставувајќи автентичен крах на едно современо семејство. Вака може да се опише совршениот текст на модерниот  француски автор Флоријан Зелер - „Мајка“, кој премиерно го изведе велешкиот театар. Некаде на половина од неговата трилогија, по две години од „Татко“, Зелер е повторно на сцената на театарот Џинот.

Текстот ја следи мајката, која скоро и да го губи својот идентитет преку насобрани загуби, како предавствата на нејзиниот сопруг, повлекувањето на нејзиниот син и на крајот, губењето на нејзиниот сопствен разум. Јордан Витанов, кој во „Татко“ ја играше главната улога, а во „Мајка“ ја потпишува режијата, признава дека е воодушевен од опусот на Зелер.

Главниот лик, Мајката, во претставата ја толкува Зорица Панчиќ, која годинава одележува 30 години кариера во велешкиот театар. Оваа улога е една од поемотивните за неа во последните години, а задоволна е што таа емоција ја препознала и публиката.

Пртставата ја следи емотивната состојба на Ана, која била најсреќна кога нејзините деца биле мали и можела целосно да му се посвети на семејството. Сега мисли дека животот ја изиграл и дека нејзиниот сопруг ја изневерува. Но, вистинскиот проблем на Ана е депресијата, по заминувањето на нејзиниот возрасен син од семејниот дом.

Францускиот драматург Флоријан Зелер дефинитивно знае како да си поигра со умот на публиката во оваа претстава која, слично на извонредната „Татко“, нуди низа повторливи сцени кои се одигруваат и преработуваат, со мали разлики, терајќи ве да го преиспитате сето она што го гледате и самата природа на реалноста.

Покрај Панчиќ, во претставата играат уште и Васил Зафирчев, Кире Ацевски и Сандра Танчева. Сценографијата е на Јордан Витанов, костимите на Раде Василев, а изборот на музиката на Сашко Костов. Витанов посакува велешкиот театар да го постави и последниот текст од трилогијата на Зелер - Син.