Премерот Заев на консултации – и во владата и во партијата
Премиерот Заев не останал во Брисел да ги чуе позициите за добивањето на датум за преговори. Заев доцна синоќе се вратил во Скопје, а од утринава Премиерот зад затворени врати се консултира со министрите во Владата, но и со сопартијците во партиското седиште на СДСМ.
„Потврдуваме дека Премиерот Зоран Заев се врати вчера од Брисел. Во текот на денов ќе има консултативни средби на повеќе нивоа.“ - изјави Мухамед Хоџа – портпарол на Влада.
Мирно и нераздвижено денеска беше и пред Владата и пред седиштето на владејачката СДСМ. Од партијата велат дека консултациите со претседателот Заев течат.
Ќе поднесе ли премиерот оставка по неуспехот на самитот во Брисел? Ниту во Владата ниту во СДСМ не сакаа да одговорат на ова прашање. Дека премиерска оставка е во игра, неофицијално најавуваат и дел од неговите соработници. Оваа опција Заев им ја кажал и во Брисел. Деновиве во повеќе интервјуа тој порача дека недобивањето на датум ќе значи паќање на Владата и дека тој е подготвен за одговорност. Дека одговорнот мора да има кажа и на прес конференцијата со еврокомеасарот Хан, иако не прецизираше каква.
И додека премиерот се уште молчи, на социјалните мрежи се огласија дел од неговите соработници. Европската Унија не го одржа својот збор, а вербата во Европа од денеска е нарушена во земјава, реагираше вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Сепак Османи порачува дека тоа не смее да ја оддалечи државава од европските вредности.
„Јас немам дилеми дека Европскиот кредибилитет не само во земјава, туку и во целиот регион од денес е нарушен. И тоа е нормална, логична и природна последица кога една Унија изградена на принципи ќе го наруши основниот принцип и нема да го одржи сопствениот збор. Но тоа не смее да нѐ оддалечи од европските вредности. Ние сме дел од Европа, и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори.“ - изјави Бујар Османи – вицепремиер за евроинтеграции.
Реагираше и министерот за надворешни работи. Граѓаните заслужуваат да знаат ако нема европска иднина за Западен Балкан, напиша Никола Димитров на својот Твитер профил.
„Најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде јасна кон нас. Ако не постои веќе консензус за европската иднина на Западниот Балкан, ако ветувањето од Солун во 2003 повеќе не важи, граѓаните заслужуваат да знаат.“ - изјави Никола Димитров – Министер за надворешни работи.
И додека Заев се анализира како понатаму, доби совет од неговиот бугарски колега. Неговиот колега, пак, бугарскиот премиер Бојко Борисов јавно изјави дека тој го посоветувал
„Јас разговарав со Заев и мојот совет до него беше да не си поднесува оставка зашто заврши многу работа и има уште многу што да се направи. Ништо не е завршено, туку е одложено. Едноставно е одложено за време на претседавањето на Хрватска. Фактот што не се договоривме да има пишани заклучоци од состанокот кажува дека огромното мнозинство од државите на ЕУ се за отворање преговори со С. Македонија и Албанија.“ - изјави Борисов.
Според информациите, сличен совет Заев добил и од дел од останатите европски лидери.