Преку закон за стратешки инвестиции до зголемен инвестициски циклус во државата
Foto

Преку закон за стратешки инвестиции до зголемен инвестициски циклус во државата

Предлог законот за стратешки инвестиции, кој е целосно усогласен со директивите на Европската Унија и дава можност на брза лента да се спроведуваат инвестициите во земјава, од утре влегува во собраниска процедура со европско знаменце.

Целта на законот, кој првпат се носи во земјава, е да поттикне, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции, како и да поттикне економски раст, вработување, примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентноста и на извозот, намалување на трговскиот дефицит и подобрување на условите за живот на граѓаните.

– Со овој закон се отвора можност за голем инвестициски циклус во државата, не само на државно, туку и на локално ниво и сето тоа со поддршка директно од државата, бидејќи стратешкиот инвестициски проект може да користи државна помош согласно Законот за контрола на државната помош, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека очекува пратениците да го изгласаат ова законско решение до распишувањето на изборите и прецизира дека согласно Законот за контрола на државната помош, субвенцијата не може да биде поголема од 50 отсто од инвестицијата. Субвенцијата, како што кажа, ќе се движи од 0,1 до 50 отсто во зависност од  бизнис планот на потенцијалниот инвеститор.

 

– За стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра во најмалку две општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град и во Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општините со седиште во село. Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина. За секоја стратешка инвестиција одделно ќе се носи „лекс специјалис“, кој ќе мора да го усвои Собранието, рече Бектеши.

Кој проект ќе биде стратешки инвестициски проект, потенцира министерот, ќе одлучува комисија составена од девет постојани членови од Владата и министерствата и три привремени членови од министерствата во чија надлежност е прокетот, од општината и од регулаторно тело. Проектите треба да се од областа на енергетиката со инфраструктура, транспортот и телекомуникациите, туризмот, преработувачката индустрија, земјоделството, шумарството и водостопанството, прехранбената индустрија, здравството, индустриските и технолошките паркови, управувањето со отпадни води и отпад, информатичко-технолошките зони, спортот, науката и образованието, како и градењето на мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои во својот состав имаат повеќе од една од горенаведените области.

 

– Владата до крајот на годината треба да објави јавен повик на кој сите заинтересирани инвеститори ќе можат да аплицираат со проектите кои согласно условите на јавниот повик ќе се смеатат за стратешки. Доколку ги исполнуваат сите услови од јавниот оглас Владата ќе донесе одлука за утврдување на статус на стратешки инвестициски проект и ќе склучи договор во кој е утврдена динамиката на реализацијата на проектот. Спроведувањето на законот и постапката за стекнување на статус стратешки инвестициски проект ќе се спроведува на фер, транспрарентен и недискриминаторен начин со активно учество на стручната и поширока јавност, а листата на проекти на кои им е доделен ваков статус ќе се објавува на веб-страницата на Владата, посочи Бектеши.

0 Коментари

Остави коментари