Прекинати договори на дело на стотина медицински сестри, остра реакција од Унијата, бара итни вработувања
Медицински сестри остануваат без продолжени догoвори за работа. Не им било кажано да не доаѓаат на работа, финансиска согласност за јануарската исплата немало, од Унијата на медицински сестри велат дека станува збор за висококвалитетни и стручно-обучени медицински сестри и техничари, кои зад себе имаат и по шест/седум години работно искуство со статус договор на дело и бараат итно решавање на работниот статус.
Претседателката на Унијата порача дека треба системско решение-без договор на дело, туку редовно вработување.
„Ние апелираме дека треба да има начин на којшто ќе им се испочитува овој стаж на медицинските сестри и веќе еднаш да им се реши статусот. Ако сега со ова отпуштање се направат нови конкурси и повторно не бидат вработени-тие шест/седум години биле во болниците со исти одговорности како и сите други. Никогаш во болниците не можете да ги препознаете и да видите која е на договор на дело, која е во редовен работен однос.“ - Гордана Бешлиоска претставник Унија на медицински сестри „За нас“.
Иако изминатиов период се најавуваше решение за договорците на дело во здравствениот сектор, денеска заменик министерот за здравство, сега вели дека конкурси за вработување ќе се отворат на пролет.
„Тоа е болно прашање, ние како министерство за здравство имаме дадено согласности за да се продолжат договорите на сите сестри. Во соработка со ФЗО и министерството за финансии. Договорите се обработуваат во министерството за финансии и дел по дел стасуваат. Кај дел во одрдени установи се добиени согласностоите, очекуваме до крајот на наредна недела да стасаат кај сите установи. Планот е крај на март, почеток на април да се објави конкурс за вработување на неопределно на здравствени работници.“ - Јовица Андоновски заменик министер за здравство.
Реакцијата на Унијата доаѓа откако во прилепската болница здравствени работници, меѓу кои и медицински сестри реагираа за нивниот работен статус и дека не им се продолжува работниот договор.
Според Унијата на медицински сестри, поранешното раководство на болницата никогаш не побарало надополнување на кадарот. Ваква голема бројка на здравствени работници, според претседателката на унијата е недозволиво да се држи со години на договори на дело, а да не се испланираат во систематизацијата.

