Прекината собраниската седница за продолжување на работниот ангажман на судии и обвинители

По доцнење од околу половина час, вечерва во Собранието продолжи ама не заврши 75. седница на која меѓу другото требаше да се расправа и да се гласа за Предлог на закон за дополнување на Законот за работните односи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери информира дека нема услови за разгледување на предлогот затоа што се уште не е поминат на соодветната комисија.

Пратеникот Димитар Апасиев од Левица рече дека неговата партија ќе гласа против овој закон.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски праша зошто на власта и' се брза со законот и укажа дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители.

Џафери не кажа кога ќе продолжи 75 седница. Ако законот не биде донесен до утре десетици судии и јавни обвинители ќе мора да испратат допис до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со кои ќе ги известат овие две институции дека ги исполнуваат условите за пензионирање.

Предлог-законот предвидува продолжување на мандатот на судиите и јавните обвинители кои ги исполниле условите за пензија. Се предлага законот да важи три години се' додека не стигнат кандидатите кои сега ја посетуваат наставата во Академијата за судии и јавни обвинители.