Префрлени се првите пари од планот за економски раст на ЕУ
Македонија ја доби првата транша вредна 52,4 милиони евра од Инструментот за реформи и раст на Европската унија.
Од оваа сума, 24,4 милиони евра веќе се префрлени на сметката на Министерството за финансии како директна буџетска поддршка, а 15 милиони евра грант, како и 13 милиони евра во форма на заем се префлрени на Фондот за Западен Балкан, информираше денеска министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Исто така, земјава ќе бара од Европската комисија 17,1 милион евра за веќе реализирани реформи, а дополнително државата има рок до јуни оваа година даден од ЕУ, да реализира реформи за кои веќе се предвидени 70,6 милиони евра, вели Муртезани.
Како што информираше министерот за европски прашања, листата на инфраструктурни проекти кои требаше да добијат финансиска поддршка од Европската унија, е намалена на 22 проекти, односно од 4 милијарди евра на 1 милијарда. Првичниот список како што вели Муртезани, повеќе наликувал на листа со желби отколку реалистично остварливи проекти.