Предупредувачки протест на земјоделци од Овчеполието по масовна кражба на опрема за наводнување

Масовна кражба на опрема за наводнување во овчеполието. За само една ноќ биле украдени над 100 бренери, што ги натера жителите да излезат на предупредувачки протест. Тврдат дека оваа појава е со години наназад, но сега алармираат и дека наводнувањето на земјоделските посеви е доведено во прашање. 

Земјоделците од овчеполието алармираат за масовна кражба на комплетна опрема за наводнување и бараат поголема ажурност од институциите за пронаоѓање на сторителите. 

А освен материјалната штета, земјоделците се соочуваат и со намален приход поради немањето средства и услови за работа во ек на сезона. 

Овчеполските земјоделци разочарано укажуваат дека државата не ги штити од “арамии”, кои што им прават пустош по полињата и бараат итно разрешување на целата ситуација. Доколку не наидат на разбирање од надлежните институции, тогаш велат дека ќе бидат приморани да ги радикализираат протестите. 24 праша и во МВР, дали и какви мерки ќе превземе полицијата.

МВР

- Министерството за внатрешни работи, преку надлежните организациски единици, ги презема потребните мерки и активности за расчистување на пријавените случаи. За конкретните настани пријавени во Полициската станица во Свети Николе се постапува согласно законските надлежности, при што се преземаат мерки за утврдување на сите факти и околности, обезбедување на материјални докази и идентификување на сторителите. Имајќи ја предвид сериозноста на укажувањата од жителите, како и потребата од превентивно делување, надлежните полициски служби ќе извршат дополнителни проверки на состојбата на терен и ќе ја засилат превентивната активност во критичните подрачја, со цел спречување на нови кривични дела и зголемување на безбедноста на земјоделците и нивниот имот. 

Од МВР исто така ги повикуваат сите лица кои имаат сознанија за сторители, движење на украдена опрема или други околности поврзани со кражбите, истите да ги пријават во најблиската полициска станица.