Предупредувачки протест на вработените во Македонски пошти
Вработените во македонски пошти стравуваат за нивните работни места поради лошата финансиска состојба во која се наоѓа компанијата.
Платите им доцнат веќе половина месец, а се жалат на лошите услови во кои со години работат. Имаат недостиг на средства за работа, а дополнително се во неизвесност дали компанијата ќе се приватизира. Во знак на револт денеска излегоа на предупредувачки протест за време на паузата пред сите објекти на Македонски пошти низ земјава.
На протестот денеска во подружницата во Штип, вработените се пожалија дека имаат постојано недостаток на доставувачи, а доставувачите пак немаат опрема да излезат на терен, имаат лоши услови за работа во самата подружница, а велат дека имаат недостаток и на компјутерска опрема.
По протестот претставниците на двата поштенски синдикати имаа средба со генералниот директор Јани Макрадули. Макрадули вели дека денеска се исплатени платите на сите вработени, а на состанокот ги увериле дека нема потреба да се грижат за иднината на компанијата, бидејќи почнувајќи од следниот месец во Македонски пошти ќе има позитивни промени.
Некогашната златна кокошка со години трпи финанскиски загуби. Пропаѓањето на Еуростандард банка преку која државната компанија го вршеше платениот промет, како и ковид кризата дополнително предизвикаа огромен пад на приходите на поштенските услуги, како во домашниот така и во меѓународниот сообраќај.
Владата уште минатата година најави нејзина приватизација или преземање на Македонски пошти со јавно приватно партнерство, но се чини дека и по една година сеуште се размислува за судбината на ова друштво.