Предраг Кон: Болниците во Србија се полнат - од 1. август можни се нови мерки
Foto

Предраг Кон: Болниците во Србија се полнат - од 1. август можни се нови мерки

Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, изјави денеска дека епидемиолошката состојба во Србија се влошува и дека веќе почнало полнење на болниците, како и зголемување на бројот на новозаболени.

-Бројот на оние кои се во болници е се уште мал во споредба со некој период порано, но тоа ќе се промени и ќе почне полнењето на болниците. Всушност, тоа веќе започна …не можеме да чекаме четирицифрени броеви со истите мерки што ги имаме сега, изјави Кон за РТС и најави дека на 1 август, кога се очекува седница на Кризниот штаб за борба против короната, ситуацијата ќе биде поинаква и најверојатно ќе бидат донесени нови мерки.

Тој истакна дека мерките против короната се уште се на сила и треба да се почитуваат, наведувајќи дека „искуството не значи ништо ако продолжиме да се однесуваме како да сме без искуство“.

-Ако не се вакцинираме, ќе мора да се бориме против овој вирус многу долго време. Невакцинацијата на младите ја продолжува директно оваа пандемија, оцени Кон.

Според него, кај помладите, особено кај жените, постои отпорност на вакцинација, „поради страв од сериозната заблуда дека вакцината може да влијае на можноста за раѓање“.

Тој исто така кажа дека етички е целосно неприфатливо здравствените работници да не се вакцинираат, не само заради себе, туку и заради потенцијална опасност за пациентите.

Говорејќи за епидемиолошката состојба во Србија, директорот на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Србија, Маријан Ивануша изјави дека очекува епидемиолошката состојба да се влошува секоја недела и ги посочи носењето маски, одржувањето на далечина и вакцинацијата како важни.

-Сите земји во регионот, кои имаат најинтензивно влошување на епидемиолошката состојба, го имаат делта сојот и се очекува дека до крајот на август 90 отсто од случаите во Европа да бидат од делта сојот, изјави Ивануша за РТС.

Тој посочи дека овој вид на корона вирусот е многу сериозен и потсети дека делта мутацијата предизвикала сериозна епидемија во Индија.

-Во европскиот регион, ситуацијата генерално се влошува, од 50 земји, само две или три се„ зелени“, а останатите се во „портокалова“ или„ црвена“ зона, што значи дека ситуацијата се влошува. Причината е најчесто делта сојот, додаде тој.

Ивануша истакна дека ефективноста на достапните вакцини по две примени дози не е намалена во однос на делта сојот и додаде дека најголемата предност на вакцината е тоа што спречува тешка форма на болеста.

Пулмологот Дејан Жујовиќ во интервју за Нови Магазин изјави дека вакцинацијата во Србија потфрлила поради „дивеењето“ на антиваксерите и затоа што процесот на вакцинирање бил дел од политички маркетинг, што имало разорно влијание врз стекнувањето на колективен имунитет.

Жујовиќ тврди дека од коронавирус во Србија починале најмалку 20. 000 луѓе.

-Со помалку од 40 отсто од ревакцинираната популација, Србија е на 36-то место во светот и четвртиот бран на пандемијата го дочекува со повеќе од половина од населението незаштитено од нападот на вирусот, иако во залихите има околу два милиони дози на вакцини, кажа Жујовиќ.

0 Коментари

Остави коментари