ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ОД УТРЕ СЕ СЕЛАТ ВО ОЈО
Foto

ПРЕДМЕТИТЕ НА СЈО ОД УТРЕ СЕ СЕЛАТ ВО ОЈО

Специјалното јавно обвинителство од утре ги сели сите предмети кај Основното јавно обвинителство. Од таму велат дека се подготвени за трансферот, а републичкиот јавен обвинител потврдува дека сите технички процедури се веќе договорени. Заедно со предметите во основното обвинителство се селат и бомбите и доказите.

- „Утврден е начинот на преземање на предметите и со тоа ќе се отпочне од утре“ - вели за тв 24 Љубомир Јовески.

Според информациите, секој обвинител најверојатно ќе треба да го спакува својот предмет, но пред тоа да го попише и архивира. Истата процедура ќе важи и за истрагите и предистрагите. Сепак, оние кои ги работеа предметите засега е нејасно каде ќе завршат. Обвинителкатас Ленче Ристовска, која беше заменичка на Јанева, се најдева дека наскоро ќе се најде решение.  

- „Ние неколку пати апелиравме за важноста на тој закон и во последното наше соопштение беше посочено зошто е важно да се донесе тој закон. Така што, СЈО се уште постои се уште функционираме, по законот за СЈО до септември 2020 постои, така што не губам надеж, верувам дека ќе се најде извесно законско решени“ - Ленче Ристовска – СЈО.

Помош за својот статус бара и техничкиот персонал на СЈО кој испрати писмо до амбасадорите и државниот врв.

- „Имено, во членот 21 од Законот за СЈО е наведено дека по укинувањето на Јавното обвинителство, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи лични примања. Оттука, јасна е намерата на законодавецот да ги гарантира правата од работен однос на сите оние кои во даден момент конкурирале и се вработиле во ad hoc институција со одреден рок на траење.“ - писмо од вработените во СЈО.

Во судница пак и денеска исто сценарио. Повторно се одложи предмет на СЈО – овојпат Талир. Одбранта смета дека поради притворот на Јанева и нејзиното, како што велат, незаконско писмо, обвинителите немаат овластување да ги застапуваат предметите на суд.

- „Kој ги води тие предмети во овој момент? Човек којшто е во притвор? Законот за СЈО е така конципиран само еден човек да има овластување, другите имаат само овластување за процесни дејствија во судница, никакво други дејствие не можат да преземат. А тоа значи дека не можат ни да се појават. “ - Еленко Миланов – адвокат на обвинетите во случајот „Талир“.

Судијата за предметот Талир во кој ВМРО-ДПМНЕ и голем дел од нејзините функионери се обвинети за перење пари, го одложи рочиштето, но не поради правниот вакум, туку поради забелешките на Ристовска околу доказниот материјал. Од друга страна, други рочишта деновиве беа одложени со судско објаснување, дека додека ОЈО не ги преземе предметите има правна пречка тие да продолжат.

А ова според, дел од адвокатите е доказ дека судот нема заеднички став за оваа правна ситуација. Првиот човек на Кривичниот суд, Иван Џолев нема конкретно објаснување, но вели дека тоа не е проблем на судот, туку на обвинителствата.

- „Судот нема да се меша во надлежностите на обвинителството. Проблемот е внатрешнообвинителски, а не на судот. Став на судот е дека постапките треба да продолжат. - Иван Џолев – претседател на Кривичнот суд.

Инаку, главната расправа за случајот Талир е закажана за во октомври, но нејасно е дали и овој предмет ќе го преземе и продолжи ОЈО, бидејќи обвинението е поднесено после законскиот рок за обвиненија. Останува нејасно и кога и кој обвинител ќе ги продолжи останатите предмети, откако официјално ќе се преселат во Основното обвинителство.

0 Коментари

Остави коментари