Предмет „Титаник“ - и по 100 рочишта, судењето никако да започне

Основниот кривичен суд Скопје бара чаре како конечно да започне повторното судење за случајот „Титаник“ во кој има 21 обвинет, меѓу кои и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ за изборни нерегуларности. 

Но, и покрај ова денешното рочиште беше одложено затоа што поранешниот градоначалник на општина Пустец, Албанија, Едмонд Темелко, утрото испратил известување до обвинителството дека е примен во болница на лекување. 

„Откако ќе провериме за што точно станува збор, обвинителството дополнително ќе се произнесе како ќе ја води оваа постапка во насока која беше посочена од судот.“ - изјави Лиле Стефанова обвинителка во „Титаник“.

Судечкиот судија во овој предмет, Осман Шабани предупреди дека однесувањето на дел од обвинетите во „Титаник“ е недозволиво и дека ако обвинителстовто на следното рочиште закажано за 19 овој месец не се изјасни како во иднина ќе ја води постапката, тоа ќе го направи судот.

„Ако обвинителството не се произнесе тогаш судот со Решение ќе одлучи како ќе се води постапката. Ќе му оставиме простор на обвинетиот да се излечи но за него постапката сигурно ќе биде раздвоена.“ - изјави Осман Шабани судечки судија во „Титаник“.

Ако продолжи со ова темпо, тогаш во овој најобемен предмет на поранешното Специјално обвинителство постои ризик обвинетите да се извлечат без казна за кривичното дело „Злосторничко здружување“ затоа што според законот апсолутната застареност настапува во 2023 година.

Случајот доби и политичка димензија откако во јуни годинава ВМРО-ДПМНЕ го проблематизираше учеството во судечкиот совет на судијата-поротник Митко Сандев кој додека беше вклучен во овој случај наполни 60 години старост, еден од условите за разрешување од функцијата.

Партијата ја обвини Антикорупциската комисија дека е испостава на власта затоа што одлучи дека нема судир на интереси кај поротникот во неговата функција. Затоа партијата најави кривични пријави и против Сандев и против претседателот на кривичниот суд Иван Џолев. Во меѓувреме судијата-поротник беше разрешен од страна на Судскиот совет. 

Во „Титаник“ освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, обвинети се и екс генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, поранешниот министри за транспорт и внатрешни работи, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, заменик-министерката за правда Билјана Бришкоска Бошковски и други. Тие се обвинети за изборни нерегуларности и злоупотреба на пари за финансирање изборна кампања.