Предложен притвор и мерки на претпазливост за обвинетите во предметот „Онкологија“

Куќен притвор за двајцата екс директори на Онкологија, Нино Васев и за Нехад Нухи. Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, доставен до судот заедно со обвинителен акт за предметот во јавноста познат како „Онкологија“, по одржана седница во присуство на странките донесе решенија со кои:

„Против обвинетите Н.В. и Н.Н се определува мерка куќен притвор, а воедно останува во сила претходно определената мерка за претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, заради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 т. 1 од ЗКП односно Опасност од бегство. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.“- информираат од Кривичниот суд. 

Наместо терапија и надеж за живот двајца директори на „Онкологија“ решиле да си поиграaт со судбината на пациентите. Болните од рак кои се надевале на лекување а за возврат добиле лажна надеж, директорите наместо лек за пациентите на човечките судбини гледале бизнис. Екс директорите на „Онкологија“ Нино Васев и Нехад Нухи, се обвинети за злоупотреба, измама и проневера.

Од клиниката за радиологија и онкологија апелираат до сите засегнати, посебно до пациентите и нивните блиски, да останат смирени, сталожени и доверливи во однос на целокупниот работен процес на клиниката, уверувајќи дека  по отворањето на случајот „Онкологија“ се воведени драстични промени во работата се со цел стандардизирање на третманот на пациентите.

„По тој немил настан се воведоа драстични промени во работата се со цел стандардизирање на третманот на пациентите со воведување на редовни онколошки конзилиуми на кои се одлучува за третманот на пациентите во согласност со современите протоколи кои се усвоени од меѓународните стручни здруженија. Од УК за радиотерапија и онкологија апелираме за смиреност и доверба во персоналот на УК за радиотерапија и онкологија, кој навистина макотрпно работи. Ние сме тука пред се за здравјето на пациентите и нивната благосостојба“, информираат од ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија – Скопје.

Предметот „Онкологија“ е поделен на два дела – првото обвинение е за економското работење на клиниката и овде се опфатени две лица, екс медицинскиот директор д-р Нино Васев и организацискиот директор Нехат Нухи од Клиниката за онкологија, кои се обвинети за злоупотреба на службената положба, измама и за проневера на службата. Во периодот од 2018 до 2022 година, тие постапиле спротивно на Законот за здравствена заштита, на Закон за јавни набавки и прибавиле имотна корист за друг и нанеле штета од над 2,2 милијарди денари,второто обвинение се однесува на третманот на пациентите.